Положбата на руралните жени во македонското општество
Руралните жени се моќни, силни и посветени на развојот на заедницата, кои се соочуваат со многу предизвици - невреднуван труд и придонес, нееднаквост и недостаток на можности кои го попречуваат нивниот личен развој, економското зајакнување и лидерството во заедницата. Меѓутоа, и покрај ограничувањата, ТИЕ се движечка сила во опстојувањето на македонските села, производството на храна, зачувувањето на традицијата, борбата со климатските промени и одржливиот рурален развој.
Оваа публикација ги идентификува најважните проблеми и предизвици на жените во руралните средини, во поглед на пристап до права и услуги од социјална и здравствена заштита, а воедно и од аспект на можности за нивен професионален развој и активно вклучување во економски активности. Спроведена е анализа врз основа на две димензии - примарна и секундарна, а резултатите се обработени со компаративна анализа од други земји, со цел да се разгледа поширок контекст на можности за економско и социјално унапредување на животот на жените во руралните средини.
Во публикацијата е прикажано влијанието на пандемијата со КОВИД-19 врз руралните жени. Од неплатени домашни работници до егзистенцијални земјоделци и сезонски земјоделци, руралните жени кои најчесто се дел од неформалната економија, работејќи во небезбедни услови, остварувајќи пониски приходи, без никаква заштита од законите за работни односи, социјални бенефиции, здравствено осигурување или право на платен надоместок за боледување, тие се најпогодени од социо-економските ефекти на пандемијата. Откривајќи ги ограничените можности на жените во руралните средини креирани се препораки кои може да дадат значаен придонес за обезбедување социјална и здравствена заштита, родова еднаквост, заштита од дискриминација и економско јакнење на руралните жени.
Време е да го препознаеме значајниот придонес што ТИЕ го даваат за нашите семејства, заедници и нашата држава, и да се осигураме дека ќе бидат поддржани и заштитени секогаш, а особено во ова неизвесно време.