Mлади женски гласови на балканската рурална поезија

Проектот на Лаг Агро Лидер, „Mлади женски гласови на балканската рурална поезија“, чија главна цел е промовирање на активни млади авторки од руралните региони од Балканот и зајакнување на младите од руралните средини преку позитивни приказни, прифатен по втор пат за суб-грантирање во рамките на проектот „Регионална мрежа за културна разновидност“, финансиран од Европската Унија.

Благодарение на оваа поддршка, минатата година од печат излезе поетската книга „Мајка ми знае што се случува во градовите“ од српската авторка Радмила Петровиќ. Книгата, освен што постигна огромен успех и беше одлично прифатена од публиката, исто така имаше продонес во препознавањето на нови и моќни регионални поетски гласови од Балканскиот Полуостров.

Наскоро ќе биде испечатен и промовиран нашиот втор предлог во рамките на оваа едиција, односно стихозбирката „Dani punog mjeseca“ од српската авторка Витомирка Требовац. Книгата е во превод на Звонко Димоски.

Пишувањето на Требовац и нејзината животна приказна за тоа како почнала да пишува, несомнено ќе бидат инспиративни за младата публика: „Имавме селска библиотека, секогаш празна, отидов таму, а кога изнајмив книга, читав по пат за дома, додека одев по улицата. Читањето секогаш го гледав како нешто возбудливо. Често бев сама, а читањето беше мојот втор живот“.

Требовац досега ги има објавено поетските книгите „Сино во боја“ и „Сите дрвја, сите деца и сите велосипеди во мене“. Во издание на издавачката куќа ЛОМ неодамна излезе од печат нејзината трета поетска книга „Денови на полна месечина“.

Авторката вели дека секогаш пишува од/во некоја форма на движење, пешачење, јавање, од по патот. Таа ги собира впечатоците од по улиците, од нејзините патувања со велосипед, погледите на минувачите, чувствата кои ги буди мирисот на липите, односно искрено го набљудува животот. Нејзината поезија нè учи дека е неопходно постојано да се занимаваме со животот и затоа песните кои ги создава се пред сѐ за обичните нешта, секојдневните теми, секојдневните оплакувања и сл. Стихозбирката претставува концизна, логично составена и критички тонирана дискусија за основниот и комплексен теоретски проблем на когнитивната психологија, односно колку човекот е рационален во своите верувања и одлуки.

Пресметка

 

жал ми е дека

не можете да го почувствувате

мирисот на липите денес

бидејќи таму каде што сте отишле

има само палми

многу е топло

и се живее навечер

и под клима

го нема мирисот на липите

само мирисот на парите

и вам веројатно

ви е жал за нас

бидејќи и понатаму сѐ е исто

го бркаме животот

што не можеме да го стигнеме

тука

се тешиме дека мирисите

и гледањето во ѕвездите

е она поради кое се живее

јас денес покиснав

целосно

трчав кон едно дрво

бидејќи под него имаше сув круг

но тогаш решив

да се откажам

возев полека

додека дождот

ми се слеваше по лицето

од инает

нема по ништо трчам.

 

Регионалниот ЕУ проект Регионална мрежа за културна разновидност - РЕАД има за цел да промовира вештини за читање меѓу рaзличните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот. Проектот го спроведува Гете-институт Скопје заедно со партнерските организации: Центар за балканска соработка - Лоја (Северна Македонија), Instituti i Librit dhe i Promocionit (Албанија), Kalem Culture Association (Турција), Association Krokodil Krokodil (Србија) и Qendra Multimedia (Косово). Проектот е финансиран од Европската унија.

Partners