Саем на земјоделски производи во Прилеп – промоција на руралните жени и локалните вкусови

Со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Локалната акциона група АГРО ЛИДЕР го организираше традиционалниот Саем на земјоделски производи, кој се одржа на 11 октомври (сабота) 2025 година на платото кај Градскиот саат во Прилеп.

Настанот, кој секоја година се одржува во чест на Меѓународниот ден на руралните жени, оваа година беше посветен на слоганот „Руралните жени произведуваат добра храна за сите“, истакнувајќи ја нивната клучна улога во одржувањето на системите за храна и во развојот на руралните заедници, а воедно и промовирајќи ги руралните жени како чувари на природата и колективната иднина.

Повеќе од дваесет локални производители ги изложија своите производи – органска храна, домашни слатка и џемови, мед и медни производи, ајвари, макала, чаеви, овошни сокови, украсни тиквички, природна козметика, рачни изработки, и други традиционални производи.

На саемот учество зедоа Фарма Долнени, Природни производи Балтазар, СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп, Маџун Лазарови, Мона природна козметика,  како и бројни жени-производителки од општините Кривогаштани, Прилеп и Долнени, сите тие ги претставија своите производи подготвени според оригинални домашни рецепти, пренесувани од генерација на генерација.

За најмладите посетители беше обезбедено креативно катче, каде децата преку цртање и боење се запознаваа со земјоделските производи, додека програмата беше збогатена и со театарски перформанс на професионални прилепски актери кои на симболичен начин го прикажаа животот на жената на село.

Саемот претставуваше можност не само за промоција на локалното земјоделско производство, туку и за афирмација на жените од руралните средини – како двигателки на развојот, чуварки на традицијата и промотерки на здрави и домашни производи.