Донација на спортска опрема во ООУ „Гоце Делчев“ - Прилеп

Со цел да се поттикне физичката активност и здравиот развој кај младите, граѓанската организација АГРО ЛИДЕР реализира уште една успешна иницијатива во соработка со образовните институции во Прилеп. Денес, во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп, беше донирана спортска опрема која ќе овозможи учениците да развиваат здрави навики, тимски дух и љубов кон спортот.

Оваа донација претставува дел од континуираните активности на организацијата за подобрување на условите за младите во руралните и урбаните заедници. Целта е преку спортот да се поттикне инклузија, солидарност и социјална поврзаност меѓу децата, како и да се создадат можности тие да се насочат кон активен и здрав стил на живот.

Секоја поддршка во спортот е придонес за здрави, активни и самоуверени генерации,“ истакнаа од организацијата, нагласувајќи дека спортот има голема улога не само во физичкиот, туку и во психолошкиот развој на младите.

Оваа активност е само вовед во нова спортска иницијатива во која во соработка со прилепските училишта ќе се одржи голем спортски настан за промоција на инклузивноста низ спортот. На овој настан Прилеп ќе биде домаќин на гости од Италија – Centro Sportivo Italiano и Хрватска – Параспортскиот сојуз од Ријека, со кои ќе се споделуваат искуства, добри практики и визии за тоа како спортот може да стане алатка за општествена еднаквост и инклузија.

Со вакви активности, АГРО ЛИДЕР продолжува да ја промовира идејата за спорт како средство за развој, образование и зајакнување на младите, градејќи заедница во која секое дете има можност да се движи, учи и расте – активно, здраво и инспирирано.