Успешно реализиран проект за поставување на енергетско штедливо осветлување во Домот за страи лица- Прилеп
Денес, во Домот за стари лица “Киро Крстески - Платник” Прилеп во посета на градоначалникот на градот Прилеп г-н Борче Јовчески и претставници на ЕВН Македонија се презентираа резултатите од проектните активности за поставување на енергетско штедливо осветлување. ЛАГ АГРО ЛИДЕР во соработка со ЕВН Македонија и Домот за стари лица “Киро Крстески - Платник” Прилеп успешно спроведоа проект за реконструкција на таванот во холот и промена на осветлувањето со цел подобрување на условите за живот на штитениците во домот. Во последните 6 месеци активно се работеше на подготовка на спецификација согласно потребите на штитениците на домот, набавка на квалитетно осветлување а со поддршка на ЕВН Македонија преку програмата ЕВН волонтира, тимот на ЕВН направи замена на старото осветлување со нови, високо квалитетни LED-светилки. Овој проект е поддржан од Австриското министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи, а особен придонес во негова реализација има Австриското Аташе г-н Харалд Фугер.
Грижата за лицата од трета доба треба да биде приоритет на секоја заедница, а сведоци сме дека во последниов период се одвиваат низа активности во домот за стари лица во Прилеп. Денешната средба со претставници од ЕВН Македонија беше одлична прилика за разгледување на нови можности во иднина. ВД директорот Благојче Стојаноски планира нови иницијативи во иднина, а неговата отвореност за соработка е поттик за ЛАГ АГРО ЛИДЕР во соработка со свои донатори и соработници во своите програмски активности да му даде приоритетно место на домот за стари лица во Прилеп.
Ова е успешна приказна за заедничка соработка помеѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор со заедничка цел – подобар живот за лицата во трето доба и заеднички придонес за локалната заедница, и се надеваме дека ќе има упте многу успешни иницијативи во иднина.