Онлајн работилница "Органско производство во сточарство"

Органското производство од ден на ден бележи се поголем раст насекаде во светот, издигнувајќи ги позитивните придобивки од органското производство за здравјето на луѓето, како и за заштита на планетата Земја.

Тоа нуди можност за постигнување рамнотежа помеѓу производството на доволни количини храна со висок квалитет и намалувањето на опасноста од загадување на човековата средина, како и задоволување на егзистенцијалните потреби на сиромашното население, што покажува дека ги опфаќа еколошките, економските и социјалните аспекти на земјоделството на локално, национално и на глобално ниво.

Во нашата држава и покрај многубројните програми насочени кон промовирање на органското производство, сепак не се забележани значајни резултати во преминот од конвенционалните системи на земјоделско и сточарство производство кон органско производство.

Локалната Акциона Група АГРО ЛИДЕР своите активности ги насочува кон поддршка на земјоделските производители во процесот на органско производство,  бидејќи нивното вклучување во органското производство ќе влијае позитивно на обезбедување на егзистенција, поголеми приходи и заштита на животната средина.

Споделувањето на добри практики на земјите од ЕУ е водич кон успешни резултати, а отворањето на можности за соработка е чекор до успехот. На 31ви Март 2021 во соработка со Ветеринарната Комора, ЛАГ АГРО ЛИДЕР одржа онлајн настан “Органско производство во сточарство”, на кое свое излагање имаа претставници од Австрија и Македонија.

Настанот го отвори Г-н Харалд Фугер- претставник од Министерството за социјални политики, труд, грижа и заштита на потрошувачи  кој посочи “Врз основа на очекувањата на австриските потрошувачи и свесноста за заштита на животната средина, земјоделската политика на Австрија е успешна во промовирањето на „еколошки“ методи на земјоделство како што е органското производство, кое дава значаен придонес во социјалната, економската и еколошката сфера”.

Г-н Клеменс Рибачек претставник на Мрежата B.I.E.N.E/EU сподели податоци за растот на органското производство во Австрија потенцирајќи дека “Врв на еколошкиот метод за земјоделство е органското земјоделство”. Австрија се смета за  „број.1 европска земја на органско земјоделство “, а исто така првата земја во светот што воспостави национални регулативи за органско земјоделство, десет години пред првите регулативи утврдени од Европската унија. Денес, над 16% од земјоделците во Австрија и скоро 20% од земјоделското земјиште се управуваат според високите еколошки стандарди на органско земјоделство, со цел што пошироко да се распострани органското производство овозможувајќи пристап до здрава и квалитетна храна, како и зачувување на почвата, водата и воздухот за следните генерации

За можностите за органско производство во сточарството презентација имаше Горан Колев, Земјоделски инжинер по сточарство , претставник од сертификациско тело – ПРОЦЕРТ КОНТРОЛА И СЕРТИФИКАЦИЈА кој потенцираше дека “традиционалниот начин на сточарење, зачуваниот билошки фонд на автохтони раси животни од говеда, овци и кози кои одлично се адаптирани на ова поднебје, како и традиционалните практики кои се во склад со барањата на стандардите за органско производство, заедно со фактот што на располагање на сточарите и се нудат чисти пасишта во површини кои се повеѓе од доволни за бројот животни со кој располагаме во моментот, се фактори кои го водат органското сточарство во нагорна линија. Подршка на сточарите нуди и државата преку мерките за субвенционирање за што добиваат за 50 % зголемени субвенции во однос на конвенционалните одгледувачи.”

               Еден од главните мотиви кај сточарите кои преминуваат на овој вид производство е додадената вредност на своите производи, за кои можат да добијат повисока цена и на тој начин своето производство да го направат порентабилно и поодржливо.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството активно делуваат за поддршка на органското производство преку советодавни услуги и финансиска поддршка. Претставник од АПРЗ – Ѓоко Данаилов пред учесниците ја презентираше мерката 215 за поддршка на органско производство, критериумите за аплицирање и поволностите од органското производство за земјоделските производители.

Органското производство е иднината на земјоделското и сточарското производство, и пратејќи ги светските трендови потребни се поголеми политички интервенции за раст на органското производство во нашата држава, како и заедничка соработка помеѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор за да го издигнеме органското производство на повисоко ниво бележејќи социјални придобивки, економски развој и заштита на животната средина.

 

*Активноста е реализирана во рамките на проектот "Пилот проект за воспоставување на услуги за достава на (органска) храна" поддржан од Федералното Австриско Министерство за социјални политики, здравство, грижа и заштита на потрошувачи