ЛАГ АГРО ЛИДЕР со активности за 16 дена активизам против родово базирано насилство

Во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ денес во општина Кривогаштани се одржа состанок на кој претставници од општината, Советот на општина Кривогаштани, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа - Прилеп, Полициска станица Кривогаштани, претставници на образовни институции и граѓански организации заедно идентификуваа можности за заедничко дејствување за да се подигне општествената свест и да се даде придонес во борбата за спречување на родово базираното насилство.
Насилството врз жените претставува повреда на основните човекови права и форма на дискриминација на жените, и сите ние имаме должност да делуваме за секоја жена и секое девојче да се чувствува охрабрено и заштитено.
Законската регулатива ги предвидува обврските на локалната самоуправа што укажува на важноста од активно вклучување на локалната самоуправа не само во делот на превенција и подигнување на свеста, туку и во воспоставување на специјализирани услуги за помош и поддршка преку блиска соработка со женските граѓански организации.
Да се обединиме и да делуваме во борбата против родово базираното насилство за побезбедно, поеднаково и просперитетно општество.