ФЕСТИВАЛ НА ПИПЕРКАТА

31ви август 2024 година, по втор пат ЛАГ АГРО ЛИДЕР и општина Кривогаштани го одржаа Фестивалот на пиперката кој има за цел да создава успешна приказна за нашата култура и традиција преку промоција на локалните обичаи, домашната храна, земјоделското производство, и природното богатство.

Со цел валоризација на пиперката - капија, како една од најпрепознатливите компоненти на гастрономијата во Кривогаштани и пошироко на регионално и национално ниво, општина Кривогаштани со оваа манифестација ќе ги претстави локалните производители и агро бизниси потенцирајќи го нивното значење за социо-економскиот развој преку промовирање на нашите културни и традиционални вредности.

Оваа манифестација обедини бројни изложувачи на производители на пиперка и преработки од пиперка, но и многу други локални производи препознатливи по својата уникатна рецептура која ја промовира нашата традиција, а воедно и улогата на земјоделските стопанства  и агро-секторот за градење на социо-економски одржливи заедници.

Локалната гастрономија беше претставена преку храна и пијалок, а нашата култура преку нашата македонска музика, а посетителите ја претставија поврзаноста во локалната заедница, и желбата да се даде придонес за заедно да се радуваме на нашето наследство и духот на заедницата.